Конески Блаже

Блаже Конески

Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во Небрегово; основно училиште и нижа гимназија завршил во Прилеп (1934), а виша гимназија во Крагуевац (1939). Студиите во Белград ги почнал прво на Медицинскиот факултет, потоа на Филозофскиот факултет, на отсекот за Словенска филологија, a славистичките студии ги продолжил во Софија, каде што и дипломирал (1944). По војната работел како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје, а во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет, во Скопје, каде што, во 1957 година, станал и редовен професор и предавал историја на македонскиот јазик, при што во текот на сиот свој работен век бил шеф на Катедрата за јужнословенски јазици; бил декан на Филозофскиот факултет (1952/53) и ректор на Скопскиот универзитет (1958/60). На 13 февруари 1947 година бил избран за прв претседател на новооснованото Друштво на писателите на Македонија, а истата функција ја вршел уште во два мандата (1948, 1951/1952), бил и претседател на Сојузот на писателите на Југославија (1961/64) и прв претседател на МАНУ (1967/1975). Исто така, бил дописен член на сите поранешни југословенски академии на науките и уметностите, како и почесен доктор на Универзитетот во Чикаго (1968) и на Универзитетот во Вроцлав, Полска. Учествувал во составувањето на првиот Правопис на македонскиот литературен јазик (1945), бил редактор на тритомниот Речник на македонскиот јазик (1961/66), а автор е на голем број студии за средновековната и современата македонска писменост и приредил голем број едиции на стари македонски текстови. Во одделни периоди ги уредувал и списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“.