Лозје

0.00 Avg rating0 Votes
Publisher: Литература
Authors:
Pages: 149 pages
ISBN10: 379
Language: Македонски
Type: Книги

Според Веле Смилевски, со збирката „Лозје“ Конески даде важен прилог за македонската книжевност. Во расказите тој успешно ги обединува автентичните животни податоци и едноставниот но содржаен, богат со значења, прозен израз. Во нив се среќаваме со близок, познат свет и со обичниот човек со своите секојдневни тегоби и радости. Во основа, расказите даваат реалистична слика на светот, но авторот проникнува и во внатрешниот живот на главниет ликови при што во речиси сите раскази се пречекорува границата на виденото и видливото со цел да се открие психологијата на ликовите, да се разгрне нивната интима и да се долови емотивниот и мисловниот свет. Расказите се економични во исказот, но слоевити во значењата и претставуваат еден вид студии за човековиот стремеж кон убавината, добрината и среќата. Во нив, сè е во знакот на животот што се живее и животот што се посакува. Поводите за своите раскази Конески ги наоѓа во наизглед безначајни настани, како што е прошетката на двајцата другари во лозјето (во расказот „Лозје“). Речиси сите ликови во збирката во себе носат притаен немир, празнина и болка. Таков е случајот со стариот студент Стојан Пискулиев од расказот „Заклано крувче“, со Петре во расказот „Песна“ или со Соколе од расказот „Љубов“. Честа тема во расказите е и детето и детскиот свет, како во расказот „Прочка“ во кој на денот на празникот умира сестрата на Корилче. Болката на детето е присутна и во расказот „Изложба“ во кој не се изложени цртежите на девојчето. Понекогаш, доживувањето и видувањето на настаните во расказите се граничи со блага иронија и ненаметлив хумор. Во тој погле, највпечатлив пример е расказот „Чевли“, проткаен со автобиографски елементи, но овие елементи се присутни во расказите „Пречек“ и „Крчмите“. Расказот „Потез“ претставува психолошка студија за шаховскиот мајстор кој не може да се помири со тоа дека животот го градел на погрешна основа. Според Смилевски, збирката е дело што лесно се чита и долго се памети зашто во нив се среќава богатиот, сочен и одмерен збор на авторот кој уверливо, на високо уметничко рамниште, преточил дел од секојдневниот живот.

Reviews

Required fields are marked *. Your email address will not be published.