| Publisher: | Книжевност |
| Authors: | Јаневски Огнен |
| Pages: | 178 pages |
| ISBN10: | 16022 |
| Language: | македонски |
| Type: | Книги |
„’Разговори со Конески’ е запис од говорењата на компетентните авторитети од областа на јазикот, книжевноста и литературата, чија аналитичка диоптрија и продлабочена мисла, со прецизност и точност ги брусаат и обликуваат формите на дијамантот кој блеска со својата раскошност, неповторливост, со својата посебност и распосланост меѓу минатото и иднината, меѓу сегашноста и вечноста, зборуваат за безвременската димензија на Блаже Конески.“ Со овие зборови проф.д-р Цене Т. Мојаноски ја претстави книгата „Разговори за Конески“ на Огнен Јанески на промоцијата неодамна одржана во Спомен-домот на Блаже Конески во прилепското село Небрегово. Книгата е составена од интервјуа и прилози посветени на академик Блаже Конески или на настани поврзани со него, а во неа се поместени 11 разговори на Огнен Јанески со соговорниците професори, лингвисти, писатели: Трајко Стаматоски, Атанас Вангелов, Ана Витанова Рингачева, Максим Каранфиловски, Јагода Михајловска-Георгиева, Соња Стојменска-Елзесер, Весна Костовска, Вера Стојчевска-Антиќ, Људмил Спасов, Ерол Ризаов и Весна Мојсова Чепишевска, како и обраќања на академикот Георги Старделов, на архиепискотот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, како и од Атанас Конески, секретар на Фондацијата „Небрегово“, но и на нејзиниот претседател Живко Цветковски. Низ разговорите и обраќањата се претставува лингвистот, лиричарот, граматичарот, професорот, славистот, научникот со светски углед Блаже Конески како сестран творец, кој е централна фигура на македонскиот 20 век, кој претставува икона на македонската национална култура, кој е стожер на нашата културна ризница, кој е доследен во одбраната на македонскиот јазик и идентитет и чие дело е тестаментално.