| Publisher: | Книжевност |
| Authors: | Малески Владо |
| Pages: | 205 pages |
| ISBN10: | 173 |
| Language: | македонски |
| Type: | Книги |
– Зошто не си ти во Бригадата?
Со целата лева дланка Денко ги притисна мустаќите и, веднаш потоа, дланката падна низ братката удолу. Вели строго:
– Одговори! Јас прашам!
– Што да одговорам?
– Зошто не си со Бригадата?
Наум се вазна во неговите очи: тие играа во пламенот што пред нив трепереше. Во очите виде куршум, куршумот влезе в цевка и потоа чу пукот и по него го усети оловото како му се закорна во градите – „Така ќе е најарно: крај!“ Одеднаш, стана свесен за сериозноста на Денковото прашање, неговите зборови му прозвучија свечено некако, сфати уште дека нив не ги изговори дете што, заедно со него Науа, богобојазливо се исправило пред испитна комисија од бради, спуштени коси и раса, дете што го испратиле од село молитви да учи и тропари и кондаци и псалми… Отспротива седеше мажиште со виснати устаќи, со потечени жили на слепите-очи, со стравотен поглед во очите морави. Прашањето го постави судија кој суди со куршум, суди за предавството на Револуцијата. (Добро. Но, морав ли да влезам во неа? И, ако не морав, по кои закони ќе ми се суди? По законот на куршумот?) Нагонски се роди изговорлага: на пругата се направи огенен ѕид токму кога требаше јас да минам, легнавме неколцина, викна некој: „Лево, не преку пруга! Ќе изгинеме!“ Реков во себеси: може ли лево кога е Бригадата напред? та, тоа е дезертерство! и ј а с сега им заповедав на неколцината: „Напред, преку пруга!“ Станавме, но неколцината паднаа покосени околу мене та сепак скршнав влево, да заобиколам и да се ставам со Бригадата, се најдов во кошарава, заумирав, ти дојде, ме спаси и… тоа е сè!
А рече само:
– Не знам зошто сум тука… Да беше ти крај мене, не ќе избегав од Бригадата. Не беше и… скршнав влево.